in

[Колумна]-Носталгија за едно поинакво детство

Обична летна вечер, месец август, 2021 година. Пробувам да заспијам, но не можам. Дали е од топлото, дали е од моите мисли, навистина не знам. Се вртам лево, па десно, па на грб и си разговарам сама со себе. Од една мисла скокам на друга, и не знам како стигнав до моето детство и моите тинејџерски години.

Уф, тоа беше многу убав и безгрижен период. Период кој за жал не гледам дека е присутен кај денешниве деца. Некако таа фаза под default се прескокнува. Директно стануваат „возрасни“. Директно од „пелени“на пијачка во некој кафич. Или на кафе со цигара – да, вака звучи подобро. А да, и клучот од колата на тато оставен да се гледа на масата, одма до еКспресото. Абре улиците останаа празни си велам.

Добро, да не претерувам, не се празни – ќе протрча по некое куче. Ама сепак нема деца да викаат до 12 саат навечер, да трчаат, да играат жмурка или граница, или само да се соберат да седат на клупи и да се смеат.

Да, знам дека сега се други времиња, други ставови, размислувања и така натака, меѓутоа детството што го имавме порано ние не може да се замени со ништо. Уствари како не може да се замени, веќе се замени со онлајн детство, онлајн живот и онлајн реалност. Се функционира онлајн. Се е достапно и се сé знае.

Не постои никаква приватност и никој со ништо не се замара. Премногу драма, озборување, преувеличување и непочитување. Затоа фала ти улицо – ме научи многу! Детството од „мое време“беше убаво и безгрижно место. Период во кој трчавме по улици и не плачевме доколку падневме, туку станувавме и продолжувавме понатаму со играта. Уште имам лузни на нозете кои сведочат за тие убави времиња.

Немавме мобилни телефони кои ни го одвлекуваа вниманието и не живеевме во виртуелниот свет. Ние се дружевме по игралишта, улици, игравме жмурка, граница, седевме во училишните дворови, купувавме пуканки и сладолед и влечевме лотарија за 10 ден. И пак бевме среќни. Немавме осет за време и не ни беше важно. Едноставно уживавме.

Одевме дома да јадеме сендвич и се враќавме назад на улица. Влегувавме по дворови и јадевме скришно цреши. Се дружевме сите, без разлика машки женски или дали е некој дојден кај баба и дедо на распуст од Аеродром во Карпош.

Колку повеќе бевме, толку поубаво. Закачувавме дречливи прамени во коса, имавме протези, гледавме „Млади Бунтовници“, „Дивиот Ангел“, носевме широки патики Mania, собиравме постери од „Наш Свет“ и ги лепевме по ѕидови. Ги гледавме симпатиите како играат фудбал и гласно навивавме. Одевме на „мирц“во интернет кафулиња, се допишувавме со други и прашувавме m или f? asl pls? Потоа се префрливме на MSN и си титкавме на нашите тогаш не „паметни“телефони. Имавме профили на hi5 и piczo.

Мислевме дека сме кул со цигара мастика. Делевме тост на пола со компири од школската сендвичара за 25 ден. А денес, „Цезар“салата со цеден сок од портокал ќе ве молам. За нас Цезар беше само воен лидер. И ништо повеќе. Игравме ластик, школка и џамија. Машките играа серва. Возевме BMX точаци и користевме јавен превоз.

Излагавме со 100 ден. (50 ден. за автобус во два правци и 50 ден. за италијански тост од McDonald’s). Одевме на Скопски саем на Greatest Hits и ја чекавме последната 2ка за да се вратиме дома. Одевме на забави во Бариста, Вулкан, Папаја, Колосеум, Хавана, Кабрио, Парадизо и чекавме слики утредента на kadevecer.com.mk за да ги објавиме. Пред искачање седевме по паркови и пиевме вино од 100 денари, а денес – кафана је моја судбина. Кога бегавме од часови, одевме на турско кафе од 30 ден. бидејќи толку ни беше буџетот.

Денешниот буџет ги опфаќа сите варијанти на Нес – матено, нематено, полуматено, топло, ладно, со пола коцка мраз и тако даље. Некој сега ќе рече еј хејтеру полека, смири страсти. Океј да, но живееме во сосема различно и динамично време и општество, во кое поважно е џемперот да е од Zara, патиките да се од Nike, а сликите на Instagram да имаат лајкови, се ова повеќе од вистинската среќа. Затоа и самата велам дека ова е само една моја лична ретроспектива за тоа како било порано и како е сега.

Затоа no hard feelings дечки. Размислувајќи така, и борејќи се со мислите, дремката ме совладала и сум заспала. Сабајлето кога станав, се симнав до подрум и ги извадив сите кутии што ги имав со работи од порано.

Имав 4 огромни кутии. Кутии полни со спомени и приказни. Си направив кафе – ладно матено нес (иронично нели), ја викнав внука ми (14 год.), која едвај се одвои од некоја инстаграм драма, седнавме на тепих и почнавме да „копаме“ по моето детство. Истите мисли со кои заспав вчера, сега и ги раскажав нејзе. Приказната за спојот и споредбата на минатото и сегашноста помина со многу прашања, смеења и моменти на носталгија…носталгија за едно поинакво детство.

 ~Winterfairy

Што мислите?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лекции што ги научивме од F•R•I•E•N•D•S

Машка летна мода – најнови трендови во 2021 година