1. Кој е највисокиот водопад во Македонија?
– Корабскиот Водопад (уште познат и како Пројфелски водопад) се наоѓа во горниот тек на Длабока Река на планината Кораб. Се јавува во пролетните месеци од топењето на снегот на источната страна на врвот Кепи Барт. Во зависност од сезоната и водостојот на изворот, водопадот варира во висина и интензитет. Може да се најдат различни податоци за висината на водопадот, а бројките варираат помеѓу 70 до 138 метри.
2. Која е најдлабоката пештера во Македонија?
– Врело е втората најдлабока пештера во Европа со подводен дел од длабочина од 212 метри. Она што е повеќе фасцинантно е тоа што Врело е содржана од неколку соби, од кои две се полни со вода (езера). Едното езеро е поголемо од другото, а кај народот се познати како мали и големи езера. Големото Езеро има и мала песочна плажа. Пештерата, исто така, има вештачко осветлување кое ја зголемува видливоста и создава уште поизразена сцена. Пештерата Врело има многу сталактити, меѓу кои и големиот во средината на пештерата позната како “Бор-конус” поради неговата форма.
3. Кој е најголемиот остров во Македонија?
– Тоа е Островот Голем Град на Преспанското Езеро. Голем Град е прогласен за строг природен резерват заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. Островот е долг 750 м, а широк 450 м, со највисок дел 50 м над езерото. Од сите страни островот е заобиколен со карпи и спили со височина 20 до 30 метри. Над нив се оформува плато со две возвишенија на северниот и јужниот дел на островот. Меѓу возвишенијата има седло кое на бреговите завршува со мали заливи. Овие два заливи се единствените места од кои може да се пристапи на висорамнинката
4. Која е најголема котлина во Македонија?
– Најголемата македонска и еколошки чиста котлина е Пелагонија. Таа е и најважниот земјоделски регион во земјата. Сместена во југозападниот дел на Македонија, ја допира на југ границата со Грција. Големата житна убавица се протега на површина од околу 4.000 км² и опкружена е со Бушева планина и Баба од запад, Даутица и Бабуна од север и Ниџе и Селечка планина од исток. Низ неа тече Црна река, а климата и е умерено континентална, со топли, суви лета и студени, влажни зими. Била населена уште од праисторијата, а денес има повеќе од 200.000 жители кои се сместени во деветте општини во кои се најголеми градовите Битола и Прилеп.
5. Кој е највисок град во Македонија?
– Крушево лежи на западниот планински раб на Пелагониската Котлина, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350 метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. Оддалечено е 25 километри северно од Демир Хисар, 32 километри западно од Прилеп и 52,5 километри северно од Битола.
6. Која е најдолга река?
– Тоа е реката Вардар. Долга е 388 км и нејзиниот речен слив опфаќа површина од приближно 25.000 км2. Извира во Гостиварско и завршува во Солунскиот Залив, Егејска Македонија во заштитената месност наречена Делта на Вардар.
7. Кое е највисоко село?
– Тоа е селото Кракорница, село во Општина Маврово и Ростуше, во областа Горна Река. Кракорница се наоѓа на надморска височина од 1.530 м, со што претставува највисоко населено место во Македонија. Според пописот од 2002 година во селото живеат 15 жители.
8. Кое е најголемо вештачко езеро во Македонија?
– Козјак е вештачко езеро во Западна Македонија. Тоа е најголемото вештачко езеро во Македонија, сместено помеѓу планината Сува Гора на запад и резерватот Јасен на исток. Кон езерото водат два пата: јужниот пристап кон езерото води од Македонски Брод и се протега по течението на реката Треска. Другиот пристап е од Скопје при што патот се протега под јужните падини на Водно. Козјак е езеро долго 32 километри, некаде е длабоко и 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнасува 400 метри. Се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 метри. Има најбогат рибен фонд.
9. Највисок планински врв во Македонија?
– Голем Кораб (2753 m) е највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Поради големата височина, во близина и во подножјето се јавуваат траги од плеистоцена глацијација: циркови, валови, морени и др. Под врвот извира Длабока Река (десна притока на Радика), на која се наоѓа водопадот Пројфел висок 133 m.