Дали се работи за духови, прогонети куќи, или мистериозни исчезнувања, секогаш ваквите урбани легенди знаат да го наежат целото ваше тело. Затоа одбравме дел од најчудните мистериозни приказни и урбани легенди кои ќе направат да ви лазат морници.
Зелениот Дворец – Пржино
Една од најпознатите легенди е врзана за „Зелениот Дворец“ во Скопје (Пржино). Ова е куќа изградена во баротско-готски стил, која за жал или за среќа веќе ја нема.
Но што е толку чудно за оваа куќа?
Освен чудниот изглед кој е сосема различен од околните куќи и потсетува на хорор филм, има безброј приказни кои кажуваат дека оваа куќа е прогонувана од духови. Бидејќи куќата беше напуштена со години, во неа можеа да се забележат лименки од „скопско“ и други пијалоци какви што не се произведуваат со години.
Прозорците практично беа демолирани, како и ѕидовите кои беа обоени со графити.
Не се знае точно од каде излезе приказната дека куќата е опседната од духови – велат соседите. Но, сепак признаваат дека не им е пријатно да се приближуваат до куќата.
Една од легендите вели дека тука живеел гроф, и поради тоа куќата е изградена во тој стил. Други тврдат дека куќата е изградена пред стотина години од некој гостиварец, кому сопругата му починала многу млада.
За куќата се вели дека е проклетство да влезеш во неа, иако беше собиралиште за млади со години и дека по 7 дена, смртта ќе дојде по тебе.
Дури еднаш беше организирана посета на куќата со инструменти кои можат да мерат паранормални активности. Емисијата вртеше по телевизија и учесниците потврдија дека има знаци на живот во куќата.
Магични камења
Верувале или не, во селото Брњарци – Скопско некогаш постоело жолт камен и од таму извирала вода. Локалното население веруваат во легендата дека некогаш некое слепо девојче плачело кај каменот и така се создал изворот.
Тие исто така веруваат дека водата е лековита, особено за луѓе кои се слепи. Наводно многу слепи луѓе пронашле лек токму во водата.
Легендата вели дека водата помагала само доколку дојдеш до местото и го измиеш лицето. Не смеело да се зима вода во шише. Некој пробал тоа да го направи па на враќање паднал во бездна.
Морничава куќа – Прилеп
Во Прилеп, често кружи приказна за морничавата куќа со духови, од која наводно некој таксист и ден денес има трауми. Еден работен ден (ноќна смена) таксистот качил две жени во кола кои подоцна го замолиле да им помогне со работите да ги внесат дома.
Потоа во знак на благодарност, жените одлучиле да го почастат таксистот кафе. По неговото излегување од куќата, таксистот приметил дека ги заборавил клучевите од автомобилот па веднаш се вратил да ги земе.
Тој упорно ѕвонел на врата, ама никој не отворил. Потоа се обидел да побара помош кај комшиите, кои му кажале дека во куќата не живее никој со години, а жените починале многу одамна.
Невестата од Волково
Приказната за невестата од Волково се повеќе и повеќе се актуелизира. Наводно во близина на железничката пруга во селото се правело свадба. Невестата била онаа која го водела орото, и тоа накај пругата.
Изгледа многу се забавувале па не го слушнале возот кој ја прегазил невестата. Оттогаш локалците пријавуваат дека имало многу ситуации кога се појавувала невестата (особено во вечерните часови) и ги хипнотизирала луѓето. Потоа ги влечела до пругите за да ги прегази воз. Звучи многу морбидно и тешко-вистинито, но сепак ова се приказните на локалното население.
Планината Кожув
Да се префрлиме од паранормални појави на нешто што е по верливо. Планината Кожув е полна со мистерии, каде една од нив е рудникот Алшар. Во последните децении се истражува рудникот и може да се донесат неколку научни заклучоци.
Во рудникот има изобилство на талиумовата руда лорандит, која е природен детектор на „неутрино“ – честичка која од Сонцето до Земјата патува за само 8 секунди. Оваа чудесна материја ги препознава реакциите кои доаѓаат дирекно од јадрото на Сонцето.
Лорандитот е еден од најретките минерали во светот кој го има само во Македонија и можеби во Шри Ланка.
Постојат легенди дека минералот е дирекно поврзан со Александар Македонски. Наводно Александар е првиот кој ја открива моќта на овој минерал па со негова обработка го користи да ги премачкува штитовите на фалангата.
Тој во секоја своја битка, напаѓал од запад кон исток, по што се јавувало силен одблесок од штитовите кој ја заслепувал противничката војска. Можеби затоа знамето на Македонија е во налик на сонце.
Овој рудник бил популарен многу одамна. Имено, при ископувањата се пронајдени рударски алатки од античкиот период, што значи дека и тогаш бил активен.
Чудовиште во Тиквешко Езеро
Доколку прашате рибар, ќе ви каже дека во Тиквешкото Езеро се наоѓаат „чуда“ од риби. Во Македонија кружи една рибарска приказна која со генерации се пренесувала, а се работи за џиновските риби во Тиквешкото езеро кои можеле да голтнат и цели чамци.
Сега ќе си речете дека на рибарска приказна не треба да се верува, што е точно, но пред некоја година една Словенска експедиција била преплашена кога видела што се наоѓа на дното на езерото.
Наводно во Тиквешкото езеро постојат сомови кои се премногу стари и со огромна големина. Се претпоставува дека најголемиот сом е од прилика колку некој вид на кит каде што и кран не би можел да го крене.
Неодамна група на рибари успеаа да извадат еден таков сом, кој што се претпоставува дека а далеку помал од џиновите кои живеат на дното. Сомот беше изваден со помош на специјална опрема и беше со големина на чамец. Истиот беше поставен на плоштадот во Скопје.